Државната помош, во принцип, не е забранета и таа е алатка што ја користат речиси сите земји, меѓутоа државната помош се дава под строго определени услови, рече Благица Петрески од Фајнанс Тинк во вечерашната дебата во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Прилично е регулирано, пришто дадената државна помош не смее да креира нелојална конкуренција, не смее да креира нефер трговски практики. Државната помош се дава за активности кои што земјата не би можела да ги направи без таа државна помош, односно институцијата која што ја добива таа инвестициска поддршка, претпоставуваме државна помош, претпоставката е дека нема да ја направи таа инвестија ако државната помош не постои. Ако го подигнеме тоа на одредени сектори, тоа значи дека во одредени сектори кои што сметаме дека се поразвиени, а ги смета за исклучително значајни за земјата, државната помош е тука, каде што ќе ја подигне конкурентноста, ќе ја подигне продуктивноста, ќе ја подигне вработливоста во тој сектор“, посочи Петрески.
Како пример го посочи делот на странски директни инвестиции.
„Начелото во моментот е ние како сме ги започнале странските директни инвестиции, не би можеле да се реализираат во земјата ако не сме овозможиле одредени поволности или одредена помош која што, посебно во тој дел била и преку форма на поттикнување на вработувања, преку одредени даночни олеснувања. Подоцна таква државна помош била дадена и на домашни компании чија крајна цел била да се поттикне нивната конкурентност и инвестициите во тој сектор, па биле давани и конкретни субвенции. Субвенциите во земјоделството немаат третман на државна помош, меѓутоа се значаен издаток“, изјави Петрески.
С.Д.











