Еден ден по израелските воздушни напади врз Иран, со свои коментари излегоа политички лидери на двете земји. За разлика од пониските ешалони и во Техеран и во Тел Авив, Хамеини и Нетанјаху денеска имаа поумерени изјави, што се чини е во согласност со предвидувањата на аналитичарите дека ниту една од двете земји не посакува ескалација и отворена војна, туку единствениот мотив за оваа размена на удари е перцепцијата на останатите во регионот.
Дали воздржаноста ќе биде сфатена како слабост, или жестокоста на одговорот како демонстрација на вистинската моќ.
Додека Министерството за надворешни работи и иранската армија се закануваа со одговор на израелскиот напад, во исто време го минимизираа неговото вистинско значење, и покрај тоа што загинаа 4 ирански војници на противвоздушната одбрана.
Врховниот ирански лидер имаше двојна порака, наменета и за домашната публика, но и за странската.
Ционистичката погрешна проценка мора да пропадне. Тие ќе страдаат поради погрешната проценка во врска со Иран. Тие не го познаваат Иран, неговата младина, неговиот народ. Тие ќе ја сфатат моќта на Иран, неговата способност, креативност и волја. Мораме да ги примораме да го сфатат тоа, рече хамеини.
Откако вчера Израелските одбранбени сили се пофалија дека благодарение на успешноста на воздушните напади, сега имаат поголема слобода за дејствување во Иран, денеска Нетанјаху вчерашната операција ја квалификуваше како дел од систематскиот пристап на Израел за неутрализирање на своите непријатели.
Нетанјаху го повтори израелскиот принцип на дејствување, ќе одговорат на секој што ќе посегне по Израел.
Во раните утрински часови во саботата го одржавме нашето ветување, воздухопловните сили нападнаа ширум Иран. Значително ги оштетивме иранските одбранбени капацитети и способноста да произведуваат проектили со кои ќе нѐ напаѓаат нас. Ова доаѓа откако изминативе неколку месеци дејствувавме во согласност со систематски план да ги отсечеме пипалата на октоподот на Иран, Хезболах и Хамас. Вчера ја нападнавме главата на октоподот, иранскиот режим, порача нетанјаху.
Токму опстанокот на иранскиот режим, на чиј оклоп започнаа да се забележуваат пукнатини по антивладините протести пред 2 години и изборот на нај умерениот кандидат за претседател на земјата, се во срцето на дискусиите меѓу иранските лидери како да се одговори на Израел а тоа да не предизвика војна, која режимот не може да си дозволи да ја води, и која би резултирала со негов колапс.
Игор Трајков











