Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Покажувал легитимација и не плаќал патарина – кривична пријава за 45-годишен полициски началник од Кочани

/

пред 697 дена

Сподели преку :

Ја покажувал легитимацијата и не плаќал патарина. Четириесет и петгодишен полициски началник од Кочани доби кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Пријавениот на 11.07.2024 во неколку наврати со неговото приватно возило ги поминал наплатните станици Кадрифаково и Преод без да плати патарина.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупциіа, поднесе кривична пријава против А.М. (45) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања” по член 353 од Кривичниот законик“, информираат од министерството за внатрешни работи (МВР).

Ако еден столар може да плаќа патарина, тогаш може и секој вработен во МВР, реагира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Опозициската СДСМ побара од министерот Тошковски да нема селективни казни, па како што поднесе кривична за кочанскиот началник, да поднесе пријава и за Миланчо Митревски.

„Тој беше назначен за шеф на контрола на Наплатната служба на патарините во Петровец, а исто така СДСМ објави и докази дека не плаќа патарини. Нека покаже Тошковски ист приницип, што чека? – Дали и раководителот Ванчо Милевски кој, исто така, не плаќа патарини ќе добие Кривична пријава од Тошковски? – Или законите не важат за партиските кадри на ДПМНЕ на патарините?“, се прашања на кои СДСМ бара одговор.   

Покрај кривична пријава, од МВР најавуваат дека ќе се поведе и дисциплинска постапка, а во меѓувреме полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршување на постапката.

Пред еден месец, пак, шестмина вработени на патарината Романовце кај Куманово пропуштале приватни возила на 12 полицајци, вкупно 959 пати оваа година на полицајците им се кревала рампата без да платат.

Министерството за внатрешни работи побара од обвинителството вработените кои ја искористиле својата службена положба за истото дело кривично да одговараат.

Симона Петровска