Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Полицијата „чешла“ дивоградби во скопски општини

/

пред 459 дена

Сподели преку :

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал деновиве посетиле повеќе скопски општини, испратени во потрага по докази за бесправна градба. Станува збор за општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода. За ова информираше министерот за внатрешни работи, кој тврди дека причината не е зголемениот интерес на јавноста за темата, туку се работи тековно и како дел од секојдневните активности.

Градоначалничката на Град Скопје, пак, вчера до обвинителството поднесе кривична пријава против градоначалникот на Чаир, за злоупотреби при легализација на дивоградби. Арсовска минатата недела беше и нападната, при увид на дивоградба во оваа скопска општина, по што службите процениле дека е потребно да биде обезбедувана. Тврдеше дека клоците и навредите се случиле пред очите на полицијата, но сега одбива да соработува со МВР, тврди Тошковски.

„Факт е дека полициските службеници од одделот за внатрешна контрола веќе неколку дена пробуваат да обезбедат изјава од градоначалничката во рамки на просториите на Град Скопје и таа изјава не ја добиваат. За среќа, градоначалничката има 24-часовно обезбедување коешто се грижи за нејзината сигурност и добро е што барем тоа го прифати и покрај тоа што не го побара. Секаде каде што ќе се утврди дека има дивоградби и дека се проблем за безбедноста – ќе се постапува по закон и ќе се урива“, вели Тошковски.

А, од ОЈО потврдуваат – имаат повеќе предмети во истрага и во предистрага. Вчера, од Кривичен објавија дека е уважена жалбата на обвинителството и донесена е одлука со која мерката куќен притвор за првоосомничениот за нападот на Арсовска, се заменува со мерка притвор.

„Јавното обвинителство ги испитува сите предмети и затоа велам дека дел од предметите се во истрага, а дел од предметите се во предистрага. Тоа што вчера го слушнав е дека градоначалничката поднела нова кривична пријава. Истата ќе се процесуира во најбрз можен рок и по неа ќе се постапи. И старите се во тек, што значи дека по собирање на доказите ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, изјави Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител.

Дивоградбите, како поим, се споменуваат и во други документи – стратешките, на Бирото за јавна безбедност кое ги гледа како ризик за перење пари од шверц на дрога.

„Криминалните групи инволвирани во трговија со дрога акумулираат значителен износ парични средства кои ги инвестираат во пазарот со недвижнини или преку инвестиции во градежниот сектор најчесто во незаконското градење (дивоградби) кои потоа ја чекаат постапката за легализација“, пишува во проценката на БЈБ за закани од сериозен и организиран криминал.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, одговарајќи на новинарско прашање денеска исто така се осврна на бесправното градење, но со бројки. Според него, во Македонија има повеќе од 200.000 дивоградби, во 80 општини низ државата. Ги повика институциите да делуваат насекаде и неселективно.

Петар Догов