Колку ќе чини посната трпеза која вечерва ќе биде во домовите и дали граѓаните можат да си дозволат да ги купат сите производи кои традиционално треба да бидат дел од празничната вечера.
Сѐ ќе зависи од тоа колку длабоко раката ќе посегне во џебот за да се набават намирниците. За дел од граѓаните поскапувања има за дел цените се исти кога во овој празничен период.
Повеќето реагираат дека поскапувања има кај костените и оревите кои се продаваат по цена од 200 односно 400 денари за килограм. Портокалите се продаваат за 60 денари килограм а мандарините по 75 денари.
Граѓаните изминатите месеци во неколку наврати алармираа дека има поскапување на производите во маркетите па и на пазарите, надлежното министерство за економија и Владата уверуваа дека цените се под контрола и дека има пад кај некои производи.
Уште од мај надлежните најавуваа дека мерките се подготвени и дека се анализираат цените и однесувањето на трговците, но мерките никогаш не стапија.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши најави дека неделава ќе ги објави податоците од анализата на цените во маркетите за време на новогодишните празници.
Премиерот Мицкоски пак најави дека идниот месец ќе има казни за најмалку два ланци на големи маркети кои го прекршиле законот за Забрана на нефер трговски пракси како и законски измени за зголемување на казните, кои сега достигнуваат максимални 20 илјади евра.
Заклучно со ноември минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика инфлацијата изнесуваше 4,1 процент. Статистика во четврток ќе ги објави последните податоци околу стапката на инфлација за месец декември и со тоа ќе се знае како Македонија ја заврши 2025 година.
Огнен Чанчаревиќ











