Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Посочуваат дека голем број на прописи се косат со други закони – еко-активисти со забелешки за новиот Закон за рударство

/

пред 428 дена

Сподели преку :

Новиот закон за рударство го крева алармот кај активистите против рудници во Југоистокот. Струмичките еко-активисти го разгледуваат текстот на нацрт-законот и во следната седмица, колку што е рокот за поднесување забелешки, ќе ги испратат, но и внимателно ќе ја следат ситуацијата.

Ѓорги Танушев вели дека има повеќе спорни работи во предлог законот коишто во иднина може да бидат пречка за заштита на животната средина, бидејќи ќе влијаат во многу сфери на локално и на национално ниво. Најмногу ги плаши можноста Владата да прогласи некој метал или рудник за стратешки проект со што нема да важат редовните прописи.

„Тука ќе има голем проблем. Пред сè се нарушува сето она што е претходно воспоставено. А за тоа ќе биде потребна само одлука на Влада, а односно комисија од Брисел и пак ќе кажам, ние сме малку и лути, зошто се зема таа недовршена директива за критични минерали, а во исто време не се бараат строгите директиви во Европа за еколошка заштита. Го земаме тоа што му одговара на рударското лоби, а истовремено не нè интересираат законите коишто важат во еколошката сфера во Европа, што е лицемерно“, вели Ѓорѓи Танушев ос „Здрава котлина“.

Активистите велат дека во предлог-законот забележале дека голем број прописи се косат со други закони, па ќе мора да има усогласувања. Како позитивна забелешка е тоа што останува забраната за употреба на сулфурна киселина и цијанид за новоотворени рудници.

„Добро е што останува забраната за цијаниди и сулфурна киселина, но ќе мора да се види што е со оние рудници кои сега ја имаат таа пракса, како на пример со рудникот Тораница кај Крива Паланка и ден денес не знаеме дали имаше или немаше цијанид. Кого и да прашате, нема да знае да ви каже. Затоа нашиот став генерално е дека Македонија е премала за да се вршат ископувања на металични суровини“, додава Танушев.

Еден од најспорните делови во предлог законот според екологистите е што се наведува дека рударството создава големи количини јаловина и токсичен отпад, но, нема делови за превенција, туку само за управување со ризик. Активистите апелираат да не се брза со законот и да се расправаат сите проблематични точки, особено оние што се потенцијална закана за целокупниот екосистем.

Сузана Мицева