Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отпушти првиот човек на украинските сили Валериј Залужни. За нов командант е именуван генералот Александар Сирски, досегашен комaндант на украинските копнени сили.
Во објава на Телеграм, непосредно пред официјалното соопштение, под фотографијата со Залужни, Зеленски напиша: „Се сретнав со генералот Валериј Залужни. Му се заблагодарив за двете години одбрана на Украина“.
„Разговаравме каква обнова е потребна на Оружените сили на Украина. Разговаравме и за тоа кој би можел да биде во обновеното водство на Оружените сили на Украина. Сега е време за таква обнова“, се наведува во продолжение на објавата.
„Задачите во 2022 година се разликуваат од оние во 2024 година“, порача и самиот Залужни, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Последните денови во украинските и во западните медиуми нашироко се расправаше за гласиштата за можна оставка на Залужни. На состанокот на 29 јануари, Зеленски му понудил на Залужни советничко место во власта. На Залужни му било понудено да биде и секретар на Советот за национална безбедност на Украина, но тој ја одбил таа позиција.











