Државниот правобранител Фехми Стафа тврди дека не ги прекршил законите ниту сторил злоупотреби со хонорарите за новинарката Бесмира Ејупи. Процедурата за нејзино ангажирање била испочитувана и добиле согласност од министерството за финансии.
За државниот правобранител нема ништо спорно во тоа што извештаите за нејзината работа биле по ист терк со исти зборови и иста содржина.
Тоа било така затоа што имала исти месечни обврски но се било поткрепено и проверено.
Во соопштението нема коментар за наводите на атикорупциска дека извештаите и договорите со Ејупи наликувале и со дел од општините во кои истовремено била ангажирана.
„Државното правобранителство бара ДКСК да појасни на јавноста од каде произлегува нејзината констатација дека за истите работни обврски на ангажираното лице веќе имало вработено лице кога такво лице нема вработено.На крајот, Државното правобранителство бара членот на Комисијата Катица Николовска, јавно да одговори на прашањето дали евентуално постои судир на интереси при нејзино постапување во случајот со Државното правобранителство?“ – реагираат од правобранителството.
Од ДКСК денеска кусо му одговорија државното правобранителството дека нивна надлежност е да прават проценки за ризици од корупција и да анализираат како се трошат државните средства.
„Целокупната поткрепувачка документација поврзана со овој предмет ќе биде доставена до соодветното Јавно обвинителство. Што се однесува до наводниот потенцијален судир на интереси, ДКСК потврдува дека членот на ДКСК Катица Николовска нема никаква роднинска врска со лицата инволвирани во наведениот предмет, односно ниту едно од лицата не е „блиско лице“ со членот Катица Николовска“ – велат од ДКСК.
До сега освен од Државното правобрнаителство се огласи и поранешниот градоначалник на Брвеница Енвер Пајазити кој тврдеше дека не го злоупотребил буџетот на општината и дека законски ја ангажирал Ејупи само еднаш за што и добила хонорар.
Дека истовремено работела и за други институции дознал од телевизија а вели не било негова работа да ја прашува за кого се работи.
Елена Ивановска Мукоска











