Мајка Тереза родена како Гонџа Агнеза Бојаџиу во Скопје, е една од најзначајните личности на XX век. Од млада возраст била посветена на верата и хуманоста. На 18 години заминала прво во Ирска, а потоа во Калкута, Индија, каде го започнала својот мисионерски пат.
Во 1950 година ја основала католичката заедница „Мисионерки на љубовта“, која денес брои над 5.000 сестри и делува во повеќе од 130 земји низ светот преку школи, прифатилишта, народни кујни и болници.
Позната како „светица на бедните“, целиот свој живот го посвети на грижата за сиромашните, гладните и болните. Починала во Калкута на 5-ти септември 1997 година. Нејзиниот величествен погреб беше проследен од илјадници луѓе и светски државници.
Католичката црква ја прогласи за светица на 4 септември 2016 година. Во Скопје, нејзиниот роден град, таа е прогласена за почесен граѓанин уште во 1980 година.











