Одржување на традицијата со нови генерации и долгорочни партнерства, во тек е Галичка свадба една од најавтентичните и најпрепознатливи културни манифестации во земјава. Годинашните младоженци, Јован Филипоски, потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, велат дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животен сон.
Во текот на тридневната програма, гостите ќе бидат сведоци на целосната свадбена церемонија, исполнета со традиционални обичаи, носии, песни и ора кои Галичка свадба ја прават единствена на Балканот и пошироко. И оваа година покровител на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршка пристигна и од Министерството за култура и туризам, со што се потврдува значењето на „Галичка свадба“ како национално културно богатство кое заслужува институционална поддршка и меѓународна афирмација.
Во тек се свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент е изведбата на ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ од националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија.
Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели во рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија, обичај поврзан со семејната среќа.











