Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Претседателски избори 2024 – Пендаровски, Силјановска Давкова, Таравари, Јакимовски и Ванковска, досега потврдени кандидати за шеф на државата

/

пред 970 дена

Сподели преку :

На ден пред почетокот на рокот за собирање потписи за претседателски кандидати и за пратеници, во период од еден час најголемите политички партии ги соопштија своите претседателски кандидати, кои треба да добијат поддршка на партиски конвенции на почетокот на март.

Актуелниот претседател Стево Пендаровски доби поддршка од највисокото раководство на владејачката СДСМ за втор мандат, додека единствена кандидатка пријавена на јавниот оглас на ВМРО-ДПМНЕ е професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова.

Од СДСМ вчера брифираа дека на состанок на раководството е одлучено Стево Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата. Оваа одлука деновиве ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата. Наредните денови се веќе планирани средби со коалициските партнери, а на 3 – ти март ќе биде и официјалната промотивна конвенција.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот оглас на партијата за претседател на државата. За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател која ќе се одржи на 2 март 2024 година.

Пендаровски и Силјановска Давкова беа противкандидати и на минатите претседателски избори (прв круг на 21 април, втор круг на 5 мај) во 2019 година, кога во вториот круг победи актуелниот шеф на државата.

За кандидатот на ДУИ во јавноста сè уште се типува, иако медиумите јавуваат дека кандидат за претседател на партијата би можело да биде актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи. Од ДУИ најавија дека денеска Али Ахмети ќе соопшти важна вест на прес-конференција закажана во 13 часот во седиштето на партијата во Мала Речица.

Централниот одбор на ГРОМ синоќа поддршка му даде на претседателот на партијата Стевчо Јакимовски.

Претходно, Европскиот сојуз за промени соопшти дека нивен кандидат ќе биде Арбен Таравари, претседател на едното крило на Алијанса за Албанците.

Професорката Билјана Ванковска е кандидат за претседател на Левица, а потписи ќе собира и Вело Марковски, кој прв пред повеќе месеци најави кандидатура. Кандидатура за претседател се очекува денеска да објави и партијата ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува во петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидат/и за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март на полноќ.

Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.