Судот им определи продолжување на мерката притвор од 48 часа на четири лица осомничени за пожарот што на 13 септември избувна во складиште за рециклирање отпад во Трубарево, Скопје. Притворот е изречен по предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад. Осомничени се 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во фирма. Според обвинителството, се испитуваат и други потенцијално инволвирани лица, а привремената мерка притвор е побарана за обезбедување на доказите.Четири лица побарале лекарска помош по пожарот, но сите се надвор од животна опасност. Министерството за животна средина сè уште ги анализира резултатите од мерењата на загадувањето.











