Хеликоптерите и специјалните единици на Армијата и на МВР, Ер трактори, тимови на ДЗС со адаптираните теренски возила, тимови на „Национални шуми“ и пожарникари од Кавадарци денеска се обидуваат да го стават под контрола и да го спречат ширењето на пожарот во паркот „Јасен“. Силниот ветар поради кој често се менува насоката на огнот и непристапниот терен се двете клучни пречки за тимовите на терен и во воздух при гасењето на овој пожар кој, речиси, една недела.
„Рано утрово, по 5 часот, на лице место дојдоа екипи специјалци од ЕБР на МВР како и армиските „Волци“ и „Ренџери“. Хеликоптерот дејствува исклучително прецизно но теренот е тежок, на некои места не може да се даде поддршка од земја, постојано дува ветер кој ја менува и брзината но и правецот што дополнително го отежнува гаснењето на овој пожар“, информира Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Четири пинцгауери и два хермелина со вкупно 14 тони вода се поддршка на тимовите на земја, а со специјализирани возила армиските специјалци се префрлаат до клучните коти за да го запрат ширењето на огнот.
Критично е и кај струшкото село Октиси каде утрово избувна пожар и зафати поголема површина со ниска вегетација, а од ЦУК соопштија дека добиле барање од струшкиот градоначалник за помош од воздух и дека таму ќе биде испратен еден „Ер трактор“, бидејќи постои голема опасност по имотите на локалното население.
Активен пожар има и во атарот на селото Могила додека околу пладне тимовите успеаја да го стават под контрола пожарот кој изби во атарот на селото Радуша и се закануваше да се префрли кон тетовското село Јегуновце.
Според официјалните податоци на ДЗС, во текот на вчерашниот ден се регистрирано вкупно 33 пожари и за дел од нив има сомнеж дека се подметнати.
Огнен Чанчаревиќ











