Поранешниот кинески министер за правда Танг Јижонг е осуден на доживотен затвор поради корупција, јави кинеската државна телевизија.
Судот во Сјамен, во југоисточната провинција Фуџијан, го прогласи Танг за виновен за нелегално стекнување средства во вредност од повеќе од 137 милиони јуани (19,71 милиони долари) во периодот од 2006 до 2022 година и тргување со влијание.
Целиот имот на Танг е конфискуван. Истрагата против него почна во април 2024 година под сомнение за сериозни прекршувања на дисциплината и законот, термин што најчесто се користи за корупција. Танг беше исклучен од Комунистичката партија на Кина.
Пресудата против Танг е дел од големата антикорупциска кампања преземана од кинескиот претседател Си Џинпинг, при што изминатите недели се приведени повеќе функционери.











