Во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во петок (26.12.2025 г.) со почеток во 18 часот ќе биде промовирана книгата „Она што се памети, живее“ („Никогаш докрај раскажани приказни“), збирка раскази што го чествува споменот на автори, поети и писатели, поранешни членови на Друштвото на кои со радост и со почит се сеќаваме. Со оваа промоција, ДПМ ќе ја заокружи својата работа во 2025 година.
Ќе учествуваат девет наши истакнати автори чии раскази се дел од книгата: Адем Абдулаху, Фима Клетникова, Александар Кујунџиски, Јелена Лужина, Снежана Младеновска-Анѓелков, Огнена Никуљски, Диме Ратајкоски, Гордана Михаилова-Бошнакоска и Влада Урошевиќ, а разговорите со нив ќе ги води Катерина Богоева.
Вечерта ќе биде отворена со настап на гудачки квартет сочинет од музичари од Факултетот за музичка уметност од Скопје (Бојана Митковска и Марија Ристовска на виолина, Виктор Манев на виола и Сара Илиевска на виолончело), а настанот ќе го затвори реномираниот Петар Ренџов, кој ќе настапи на гитара.
„Она што особено нè восхитува во оваа книга е тоа што на неа можеме да гледаме како на еден голем, бесконечен мозаик: а нејзините раскази и параграфите во тие раскази – како тесерите од тој мозаик. Како пространите подни мозаици во Ерихон, Палестина, или во Равена, Италија – затоа што животите и творештвата на овие автори и нивните достигнувања се на еден начин нашето тло. Да се сетиме на Конески, но и на другите учители, потоа на наследството на Стале Попов и на нему сличните корифеи“, вели во поговорот на книгата Живко Грозданоски, приредувач на изданието и претседател на ДПМ.
По промоцијата ќе се одржи новогодишен коктел.











