Протест пред Меѓународниот суд на правдата за време на сослушувањето за 57-годишната израелска окупација на палестинските територии. Процесот се одвива во момент кога се разгорува воениот конфликт меѓу Израел и Хамас, но е фокусиран на контролирањето на Западниот Брег, Појасот Газа и анектираниот источен Ерусалим. На судиите веројатно ќе им бидат потребни месеци за да ја донесат конечната одлука за ова прашање.
Според палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, над 3 и пол милиони Палестинци на Западниот Брег се соочуваат со колонизација и расистичко насилство, додавајќи дека 1,7 милиони се третирани како граѓани од втор ред во земјата на нивните предци.
- Потребно е да се преземат посилни мерки, поцврсти ставови против Израел од страна на сите влади, од европските земји, од Западот, од сите земји во светот. Гледаме дека некои држави почнуваат да реагираат и да прават нешто, но тоа не е ни приближно доволно во однос на сериозноста на она што се случува, изјави Али Шана, пропалестински демонстрант од Јордан.
- Нашата влада го поддржува ционизмот, го поддржува апартхејдот и геноцидот против нашата волја. Ова е срамно, но ние велиме, јас велам како германски државјанин, „не во наше име“. Барам итен прекин на огнот во името на германскиот народ. Ова не смее да продолжи вака, изјави Анил Гул, пропалестински демонстрант од Германија.
Советот за безбедност на Обединетите нации ќе гласа утре за резолуција поддржана од арапските земји со којашто се бара итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и ослободување на сите заложници кои ги зароби Хамас на седми октомври во јужен Израел. САД најавија дека ќе стават вето.
Во меѓувреме, Израел се закани со офанзива во Рафа на почетокот на Рамазан. За нехуманите услови и опасноста од влошување на и онака катастрофалната ситуација во Газа се расправа и на состанокот на шефовите на дипломатиите во Брисел.
Откако Хамас го изврши најсмртоносниот терористички напад во Израел во октомври, по што Израел почна со воените дејствија во Газа, САД ги предупредија Иран и неговите соработници на Блискиот Исток да не се мешаат. Една од тие групи е и шиитското движење на Хутите коешто врши напади врз комерцијални бродови и нафтени танкери во знак на солидарност со Хамас. Од Вашингтон потврдија: Извршивме пет напади врз бунтовниците, откривме дека имаат подводни беспилотни летала.
Маја Стојаноска-Филдишев











