Демонстранти во Албанија се судрија со приватно обезбедување на локација на која е планиран луксузен проект поврзан со Иванка Трамп и Џаред Кушнер, ќерката и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Граѓанските организации во Албанија предупредија дека американската инвестиција го загрозува екосистемот во заштитеното подрачје.
Инцидентот се случил викендот во областа Звернец, во околината на Валона. Десетици лица се собраа на локацијата на која треба да започнат градежните работи и почнаа вербална пресметка со чуварите преку оградата од бодликава жица, но во еден момент дојде и до физички контакт меѓу двете страни.
За реализација на проектот е ангажирана компанијата „Звернец Саут Адриатик Дивелопмент“ која го осуди насилството и порача дека проектот има за цел да придонесе за развојот на Албанија. Според компанијата, инвестицијата ќе изнесува над 4 милијарди евра, ќе придонесе за зголемување на Бруто домашниот производ од три до четири отсто во наредните пет години и ќе создаде повеќе од 100.000 нови работни места.











