Народот сака промени и подготвен е да протестира или nародот не сака блокади во време на економска и енергетска криза! Во име на народот, опозицијата и власта со спротивни изјави и различни мерки за уривање или задржување на власта.
СДСМ смета дека блокадите на Собранието, со кои минатата недела почна ВМРО-ДПМНЕ, се неуспешни. Најавите за протест во јуни за власта се неодговорни обиди за вештачко создавање криза. СДСМ бара да не се попречува носењето на 30-тина закони кои значат подобрување на стандардот на граѓаните и поддршка на компаниите во вуслови на криза.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа констатираше дека „кај премиерот и кај владеачката гарнитура нема подготвеност за воспоставување вообичаен политички дијалог со опозицијата и барем минимум државно единство за изнаоѓање излезни решенија за одредени кризни состојби и предизвици“. Затоа, протестот што го најавуваат за 18-ти јуни го сметаат за изнуден и неопходен.
ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени избори. Најавува и други активности со кои ќе ја увери јавноста дека оваа СДСМ и ДУИ не треба да ја водат државата. Власта не сака избори пред редовниот термин во 2024-та. За СДСМ е неприфатливо политичкиот дијалог власт-опозиција да биде условен токму со темата за предвремени избори. Премиерот Ковачевски при доаѓањето на власт во јануари годинава најави средба со опозицискиот лидер Мицкоски, но формалните контакти завршија со еден телефонски разговор.
Соња Николовска











