Работното место на Златко Поповски е во рударскиот коп на рудникот Суводол во РЕК Битола. Веќе 23 години тој е ракувач на багерот СРС 630, машина со димензии на еден стадион, која секојдневно копа јаглен за производство на електрична енергија.
Во зима и лето, во кал и прашина, Златко ја работи својата задача со посветеност.
„Со оваа машина копаме јаглен. Секој ден кога доаѓаме на работа, прво се проверува исправноста на багерот, дали има дефект. Ако сè е во ред, почнуваме со копање. Од 2002 година сум на оваа позиција. Работата има и позитивни и негативни страни, но ако ја сакате од срце, ништо не е тешко, вели Златко Поповски.
Фатон Зенони, пак, веќе 37 години е дел од противпожарната единица на РЕК Битола, која брои 30 пожарникари. Вели дека секогаш се подготвени за акција и често интервенираат не само во комбинатот, туку и надвор од него.
„Работата во РЕК не би рекол дека е лесна, напротив, тешка е. Работиме и во термоелектраната и во рудникот. Многупати сме се соочувале со големи пожари, но секогаш даваме максимум од нашите можности, вели Фатон Зенони, пожарникар во РЕК Битола.
Златко и Фатон се дел од наградените работници на свеченоста што се одржа во комбинатот по повод Денот на рударите. На настанот, генералниот директор на Државните електрани Лазо Узунчев, рече дека комбинатот се соочува со низа предизвици, но потребно е подолго време за консолидација на рудниците.
„Сигурен сум дека заедно успешно ќе ги пребродиме предизвиците во претстојната грејна сезона и ќе го реализираме планот за производство. Намалувањето на финансиските загуби преку зголемено производство до крајот на првото тримесечје ќе овозможи финансиска стабилност во следната година“ – изјави Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ.
Деенска беа доделени благодарници и пофалници за 46 рудари, пожарникари и други вработени. Им беше оддадена почит и на работниците кои загинале во несреќи на своите работни места и го вградиле животот во РЕК Битола.
Емилија Мисирлиевски











