Илјадници раселени лица кои се засолниле во болницата Насер во јужниот град Кан Јунис во Појасот Газа, беа принудени да ја напуштат пред налетот на израелските војници во најголемата медицинска установа во јужниот дел на Појасот Газа.

Палестинските здравствени власти во Кан Јунис рекоа дека пет пациенти на интензивна нега починале откако им снемало кислород. Израелската армија го претресуваше комплексот на болницата Насер, апсејќи осомничени милитанти на Хамас и барјќи докази дека дел од израелските заложници киднапирани од Хамас биле држени тука.

Персоналот во болницата тврди дека работат под силен оган, а залихите на медикаменти но и на вода и храна се при крај.

Ден пред рацијата, армијата им нареди на илјадниците раселени луѓе кои се засолниле таму да ја напуштат, а војската соопшти дека има „веродостојни разузнавачки информации“ дека Хамас држел заложници во комплексот како и дека останките на заложниците можеби сè уште се внатре.











