„Се ќе оди брзо, разговорите се во финална фаза“, кажа американскиот претседател Трамп пред новинарите пред вратата на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида. Трамп е дециден дека луѓето и во Украина и во Русија сакаат да биде постигнат мир.
На новинарско прашање дали по неодамнешните руски напади врз Киев Путин не е сериозен во врска со мирот, Трамп рече тој е многу сериозен.
„Верувам дека Украина исто така изврши некои многу силни напади – и тоа не го кажувам негативно“, рече тој. „Веројатно морала да го направите тоа.“
Трамп додаде: „Народот на Украина сака тоа да заврши, а народот на Русија сака тоа да заврши, двајцата лидери сакаат тоа да заврши.“
Овој пат облечен во црно одело, а не во маскирна униформа Зеленски беше дециден дека американскиот мировен план од 20 точки веќе е 90 проценти подготвен, „да донесеме мир што е можно поскоро“, рече тој нагласувајќи дека се треба да оди чекор по чекор.
На прашањето зошто сакал да дојде во Флорида за да се сретне со Трамп, Зеленски рече дека нивните тимови работеле на план од 20 точки и дека денешната средба е за дискусии за стратегии за придвижување напред на планот.
Прашан дали верува дека ќе има територијални отстапки, тој одговори дека за тоа ќе се дискутира денес.
Зеленски претходно најави дека за време на состанокот во Флорида, меѓу другите теми, ќе разговараат за судбината на источноукраинскиот регион Донбас, кој е во центарот на конфликтот, како и за иднината на нуклеарната централа Запорожје.
Фајненшл тајмс објавува свои информации дека Зеленски е подготвен да нареди повлекување на украинската војска од делови на Донбас, но само доколку истото го стори и Русија. Всушност предлага демилитаризирана зона во Донбас.
Советник за надворешни работи на Путин, Ушаков истакна дека е потребна одлука без одложување.
- „За целосно прекинување на непријателствата, потребна е смела, одговорна политичка одлука од Киев, пред сè, што е во согласност со работата што се спроведува преку руско-американскиот канал. Оваа одлука, поврзана со Донбас, земајќи ја предвид моменталната ситуација на фронтот, би имала смисла украинскиот режим да ја донесе без одложување“ – Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на Путин.
Пред почетокот на состанокот зад затворени врати Трамп рече дека имал „продуктивен телефонски разговор“ со Путин, а Зеленски се слушна со британскиот премиер Кир Стармер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски немаше голема среќа во претходните два наврати кога се сретна со Доналд Трамп во Белата куќа. Во февруари се случи жесток судир во Овалната соба – Зеленски доби прекор од Трамп пред светските медиуми. Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, го обвини украинскиот лидер за непочитување откако Зеленски предупреди дека САД може да ги почувствуваат последиците од руската агресија во иднина. Во август годинава беше пронајдена е заедничка основа за безбедносните гаранции. Средбата во Белата куќа следеше по самитот на Трамп во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин – кој не резултираше со договор за прекин на огнот.
Билјана Ставрова
Зеленски бара безбедносни гаранции за крај на руската агресија – Путин нуди воени средства











