Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Разрешен директорот на театарот во Гостивар – СКРМ прашува дали се работи за реваншизам

/

пред 205 дена

Сподели преку :

Разрешен е директорот на театарот во Гостивар, Сулејман Рушити пред истекот на мандатот, информираа од Синдикатот за култура, утрово. Во решението што го закачија на Фејсбук, потпишано од министерот за култура и туризам Зоран Љутков, испратено во Гостивар ден по пресот на СКРМ пред ОЈО-Скопје, стои дека Рушити е разрешен, зашто работел несовесно, што значи не ги обжалил на Апелација осумте пресуди на Основниот суд- Гостивар, поднесени претходно од Синдикатот, во врска со пресметките на платите на вработените и дозволил тие да станат правосилни. Со тоа му наштетил на театарот, стои во образложението. Од СКРМ прашуваат дали се работи за реваншизам.

„Со право се прашуваме, дали навистина станува збор за реваншизам. И дали ова понатаму ќе биде еден вид притисок и врз останатите директори кои што нема да постапуваат, согласно насоките и желбите на министерот. И што понатаму би се случувало, зашто судските процеси се во тек, се добиваат пресуди, а министерството и понатаму не сака да седне и да ја разреши оваа ситуација“, реагира Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.

Телма го контактираше Рушити. Во телефонскиот разговор тој кажа дека образложението за разрешување „не држи“, зашто на време го известил министерството за одлуките на Основниот суд од Гостивар и прашувал како понатаму да постапат во врска со пресметките за плати, добиени лани во април, за кои од СКРМ тврдат дека се назаконски. Но, повратен одговор не добил.

„Мислам дека образложението не стои поради тоа што јас барав насоки, барав дообјаснување, барав од министерството. Не добив некоја насока и така остана. Веќе ние не можеме да влијаеме на судските процеси“, изјави разрешениот директор на театарот во Гостивар, Сулејман Рушити за Телма.

Од министерството со одговор дека со неправилно постапување, Рушити директно овозможил првостепената пресуда на Основниот суд- Гостивар, од 16 декември во 2025 година да не биде испитана од повисокиот Апелационен суд во целост, дали е донесена во постапка, согласно закон, со што станала правосилна и извршна, а истото, како што стои во дописот од Култура, се однесува и за четири други пресуди од 18 декември.

Согласно Законот за култура, директор на национална установа може да биде разрешен и пред истек на мандатот, ако по негова вина е нанесена штета на установата и ако не работи согласно Закон и Статут, додаваат од таму. Кој ќе го наследи Рушити на функцијата директор, од министерството дополнително ќе информираат.

Правосилните пресуди на Основниот суд- Гостивар мора да се спроведат, вели претседателката на СКРМ. Тие денеска ќе испратат допис до министерството да обезбеди средства за лицата кои ги добиле пресудите во нивната корист, да им се исплатат платите, согласно судските одлуки.

Сотир Трајков