Триесетина гимназиски професори по филозофија, логика и етика остро реагираат на новата Концепција за реформи во гимназиското образование, која предвидува отстранување на овие предмети од наставната програма. Тие во отворено писмо предупредуваат дека ваквата промена ќе создаде генерации ученици со ограничено критичко размислување и недостаток од разбирање на етичките и логичките принципи.
„Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката? Како ќе бидат доблесни ако не ги знаат начелата на етиката? Ниту математиката и природните науки, ниту општествено-хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа“, реагираат професори од неколку скопски гимназии.
Министерката за образование и наука смирува. Вели дека Концепцијата е нацрт-документ и јавната расправа е отворена за сите мислења и предлози. Таа објасни дека ова не е финална верзија, туку основа за дискусија.
„Ниту филозофија, ниту логика се исклучени. Тоа е нацрт верзија поставена на јавна расправа. Сега собираме сугестии, забелешки и предлози. Откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок“, порача Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Нацрт Концепцијата за реформи во гимназиското образование е објавена од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието. Сите заинтересирани можат да ги достават своите коментари до 31 јануари 2025 година.
Тамара Марковска











