Комплетната анализа на ДПИ за зголемените цени на прехрамбените производи ќе биде готова следната недела по што Владата ќе донесе одлука или мерка за нивно намалување најави заменик министерот за Економија и Труд Маријан Ристески.
Тој вели дека зголемени се цените на производите кои што претходно беа намалени со одлука на Влада во рамки на мерките, а во овој момент забележано е поголемо зголемување на цените на кафето и маслото за јадење.
„Во однос на она што го имаме како анализа, имаме мало зголемување на цените, особено на дел од цените на производите како што беше пред одлуката која заврши пред еден месец. Има мало покачување на одредени цени, некои се останати на исто ниво. Меѓутоа, имаме зголемување на цените на кафето и маслото, кои зависат од светските берзи. Сепак, за крајна одлука ќе биде известена јавноста доколку ја има, а тоа ќе ја покаже комплетната анализа која ќе биде готова во текот на наредната недела“ изјави Ристески.
Додава дека се следи ситуацијата во рамките на светските случувања, Владата за ова одржува редовни состаноци, па доколку ескалира дополнително ситуацијата на Блискиот Исток тоа би предизвикала поголеми удари на светската економија, а со тоа и на нашата.











