На ниво на Европската унија се работи напорно со македонската влада на надминување на преостанатите прашања пред да се отворат преговорите. Ова денеска го изјави евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, кој најави и засилена дипломатска активност за надминување на прашањето на уставните измени.
Има интензивни дипломатски активности, размени. Европските лидери ќе го посетат Скопје во идните два – три месеци и се надевам дека ќе бидеме во можност да продолжиме напред, изјави Рокас.
Истовремено, вели Рокас, се прават напори и продолжуваат да се имплементираат, заедно со европска помош, и сите неопходни реформи од реформската агенда.
Рокас изјавата ја даде одговарајќи на прашањето дали за Европската комисија е прифатлив предлогот на известувачот во европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, Комисијата, Европскиот совет, но и Бугарија, дадат изјави дека вклучувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав би било последното билатерално прашања што би се решавало во преговарачкиот процес, односно дека нема да има дополнителни билатерлани барања во преговарачкиот процес.
Од владата не стигна конкретен одговор дали за неа ваква изјава за гаранции од европските институции и Бугарија е прифатливо решение кое би довело до уставни измени. Премиерот Христијан Мицкоски денеска со став дека се изнаслушал изјави од ЕУ за последно барање до земјава и оти сака да види дела.
Тамара Грнчароска











