Изјавата на европратеникот Томас Вајц и претходно на еврокомесарката Марта Кос, дека Македонија не ги спроведува реформите, е само предупредување. Вака првиот вицепремиер задолжен за европски прашања ја толкува изјавата на европратеникот кој во интервју за „Евроњуз“ на бугарски јазик рече дека Македонија не направила никаков напредок или реформи, ниту за старт на преговорите, ниту за Планот за раст и претходно на Кос, дека земјите од Западниот Балкан во јуни ќа загубат пари поради неспроведени реформи.
Сали притоа потврди дека во јуни истекува рокот за 10 чекори од реформската агенда од кои извесно е дека четири нема да бидат испорачани.
„Нивната најава предупредување е превентивен знак за нашата држава дека треба да работиме понапорно. Инаку не заостануваме за овие точки, од 10 веќе шест сметам дека сме завршени“, рече Сали.
Сали вели дека рокот тие да се реализираат е крајот на април, за да имаат потоа време за корекции, но сè поизвесно е дека четири чекори нема да бидат завршени, како што е Изборниот законик, за што земјата ќе добие помалку европски пари.
„Износите кои што ги споменуваме се околу четири до осум милиони евра за секој чекор. Меѓутоа, дали финансискиот дел е главниот мотив или, пак, исполнувањето со чекор со цел функционирање на системот е нашата цел. Сметам дека како политичари треба да мислиме на идните изборни процеси“, рече Сали.
Амбасадарот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, потврди дека на земјава ѝ преостануваат уште 10 чекори до јуни, а кои требало да бидат завршени до јуни лани кои доколку не се реализираат, земјата губи пари. Сепак рече дека на нив се работи, но не сакаше да предвидува колку од нив земјата ќе успее да ги заврши до тогаш.
„Сега владата и министерствата кои се засегнати со овие 10 чекори работат напорно да ги постигнат. Ова беше предупредување и ова предупраедување не е испратено само до Северна Македонија, туку и до другите земји-кандидати кои ја имплементираат реформската агенда. Напорно се работи, не можам да предвидувам, ќе мора да почекаме до крајот на јуни да видиме“, изјави Рокас.
Сали информираше дека се очекува од Брисел неделава да стигне извештајот за спроведените реформи до крајот на 2026 година, за кој тој вели дека ќе биде позитивен, велејќи дека 16 од 21 чекор биле прифатени од страна на Европската унија.
Тамара Грнчароска











