СДСМ ќе се обидат да го блокираат заемот од 500 милиони евра од унгарската Експорт-импорт банка, доколку владата не го повлече законот од скратена и не го поднесе во редовна постапка.Пратеничката од нивните редови, Сања Лукаревска, нема да го стави на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет, со која претседава.
Со ова, сакаат да издејствуваат јавна расправа, за јавноста да ги чуе сите детали околу задолжувањето кое, според нив, нема јасни критериуми и механизми за распределба на парите, нема јасно утврден систем за контрола на трошењето и има скриени трошоци.
Ова за премиерот е очекувано, но смета дека причината е поинаква, да ги спречат планираните проекти. Тврди дека, провизиските трошоци за правни услуги што владата треба да ѝ ги плати на независна фирма избрана од страна на унгарската банка се стандардни за ваков тип на заеми.
Предлог-законот за задолжување, вчера беше прифатен од мнозинството пратеници. Доколку Лукаревска не го стави на расправа во комисијата, собранискиот деловник предвидува дека, седницата може да ја свика и претседателот на Собранието, со што законот ќе биде одблокиран.Расправата во комисијата, без оглед на бројот на амандманите, трае максимум три дена.
Далиборка Демјанска











