Првиот работен ден по седумдневната национална жалост за трагедијата во Кочани, скопскиот извршител Андреја Буневски распишал оглас за продажба на деловниот центар „Соравиа“ кој се наоѓа во центарот на Скопје и со кој оперира внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети.
Во заклучокот, кој е јавно објавен на веб сајтот на комората на извршители, стои дека почетната цена за објектот е 1.377.978.526 денари односно околу 22.406.000 евра. Извршителот наведува дека објектот се продава поради долг од околу 930.000 евра кон бугарската Прва инвестициска банка.
Неделникот Фокус кој објави делови од заклучокот за лицитацијата на „Соравиа“ наведува дека ова не е единствен долг на „Соравиа инвест“ кон истата банка која во 2020-тата издаде кредит на компанијата, а има и други пристигнати побарувања кон доверители.
Огласот е објавен на 24 март, а лицитацијата ќе се одржи на 24 април во канцеларијата на извршителот Буневски. Во извршувањето на побарувањата се вклучени уште тројца извршители. Во заклучокот за лицитација се наведени сите катастарски наведени недвижности на центарот „Соравиа“.
„Соравиа инвест“ на почетокот на март го избришала и бугарскиот управител Валери Русев од централниот регистар, па сега единствен управител е Егзона Ризмани. Фирмата од декември лани е во сопственост на австриска компанија поврзана со Хано Соравија кој беше поранешен сопственик по чие презиме објектот го доби името. Дрин Ахмети сега воопшто не фигурира како сопственик или управител, но во интервју за КОД на Телма во јануари тврдеше дека тој оперира и го раководи центарот и дека за неколку месеци ќе се реализира продажбата и преземањето на објектот од досегашниот австриски сопственик.
Во периодот од август 2023-та до изборите во мај 2024-та, на сметката на фирмата „Тхор“ на Дрин Ахмети беа уплатени како позајмици околу 7,5 милиони евра од американскиот бизнисмен Ник Мехмети кој во бизнис портфолиото има и водење на стриптиз барови во Далас, Тексас и управување со американско-албанска бизнис комора.
Фирмата „Соравиа Инвест“ во моментот има и блокирана банкарска сметка и милионски долг кон УЈП. Парите од Америка се уплатени на сметки во Австрија како дел од зделката за купување на трговскиот центар, како и на сметки на самиот Дрин Ахмети, на сметки на вработени во „Соравиа“, а дел од нив бил употребен и за купување криптовалути во Косово.
За купопродажбата на „Соравиа“ се води и истрага во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое чека американска правна помош поврзано со уплатите. Дрин Ахмети во интервјуто објавено на КОД тврдеше дека Ник Назар Мехмети ги вложил парите добиени од продажба на акции и удели во информатичкиот гигант Nvidia и за тоа ги известил и македонските истражни органи.
Внукот на Ахмети во интервјуто во јануари потврди дека во ноември добил и жителство на САД по што се вратил во Македонија, бидејќи добил повик за распит на обвинителството во рамки на предистрага за неплаќање на концесии за ископ на минерални суровини во кичевско. Има и пријава за можни злоупотреби со проекти на Фондот за иновации, иако внукот на лидерот на ДУИ негираше.
Миомир Серафиновиќ











