Доколку обвинителството не може да докаже криминално стекнат имот во кривична постапка тогаш за сомнителниот имот ќе ја известува финансиската полиција за да почне постапка на таканаречена граѓанска конфискација. Ова е основата на новопредложениот закон за конфискација во граѓанска постапка кој е подготвен и доставен за дебата на сервисот ЕНЕР. Сомнителниот имот мора да биде повреден од 50 илјади евра за да се почне овој вид на конфискација.
Со итни постапки до конфискација на нелегално стекнат и непријавен имот, но наместо во кривична, во граѓанска постапка. Ова е дел од новиот Закон за конфискација во граѓанска постапка чија првична верзија е објавена од Министерството за правда на ЕНЕР. Конфискацијата ќе се врши на сечиј имот за кој постои разумно сомневање е стекнат незаконски, а обвинителот утврди дека нема докази за да се води кривична постапка за истиот имот или за конкретен сторител.
- Кога јавниот обвинител за имотот оцени дека постои разумно сомневање дека истиот не е стекнат од законски извори, должен е веднаш да достави до Управата за финансиска полиција известување заедно со целокупната обезбедена документација за испитување и прибирање на податоци за изворите и начините на кои е стекнат имотот- Стои во предлог законот за конфискација во граѓанска постапка.
Финансиската полиција потоа треба да провери дали имотот е стекнат на законски начин, а во случај да утврди дека не е, постапката во граѓански итни парници во име на државата ќе ја води Државниот правобранител. Предложеното законско решение предвидува, тужениот, сопственикот на сомнителниот имот да докажува дали имотот му е легален. Доколку во постапката не се утврди законитост на имотот, тој се одзема. За да се почне постапка, сомнителниот имот наводно обезбеден од незаконски извори мора да биде повисок од 50 илјади евра. Ваков начин на конфискација се применува со антимафијашкото законодавство во Италија кога во постапка за конфискација се цели имотот стекнат од криминалните групи и криминалци кои се во бегство, недостапни или се починати. Во македонското законодавство, голем проблем беше токму со криминалните структури чии нелегални пари и имоти не беа опфатени со кривични постапки за дела како што се трговија со дрога, рекет, мито или проституција. Законот опфаќа и имот на македонски државјани надвор од државата, но и имот на странци или странски фирми во Македонија. Со законот се опфатени и функционери кои доколку имаат сомнителен непријавен имот над 50 илјади евра по курсот од 2007-ма, ќе мора да докажат како го стекнале за да не им го земе државата.
Миомир Серафиновиќ











