Бројот на вкупно вработени во јавниот сектор е намален за 2.488 лица за разлика од 2022 година, кога вкупниот бројот вработени изнесуваше 130.377 лица, наспроти 127.889 лица во 2023 година, покажува Посебниот извештај за 2023 година на Народниот правобранител, кој се однесува на следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност во јавниот сектор.
Народниот правобранител, Насер Зибери на денешната прес-конференција истакна дека анализата покажува дека мал е бројот на институции, установи, единици на локалната самоуправа и субјекти формирани од нивна страна, кои имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња.
„Со соодветна и правична застапеност која ја отсликува реалната состојба на бројот на населението по етничка структура може да се пофали Собранието на Република Северна Македонија, неколку министерства, може да се пофалат неколку единици на локална самоуправа, без оглед каде е доминантно македонското или албанското население, но има многу институции каде отстапуваат од ова правило и јас при објавување на минатогодишниот извештај ги цитирав и по име. Промена или подобрување нема и во моментов можам да ги спомнам. Во Македонската академија на науки и уметности од 91 вработен, 90 се Македонци, само еден е Албанец и ниту еден од друга етничка заедница. Може да ги спомнам и јавните државни претпријатија како што е МЕПСО, како што е ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор кадешто етничката застапеност е крајно непочитувана и таа е под 10 отсто, односно само 6 отсто на албанската етничка заедница, под 1 отсто на турската етничка заедница. Има институции кои се солидни и има институции кои ги надминуваат процентот на застапеност но има и некои кои сериозно потфрлуваат. Не е подобра состојбата и во Врховниот суд. Тука секогаш зборувам за вработените, не за лица избрани и именувани. Не е подобра ситуацијата и во кабинетот на претседателот на државата и во самиот Секретаријат на Владата“, рече Зибери.
Извештајот покажува дека застапеноста на Македонците во 2022 година во јавниот сектор била со 71,9 отсто, додека за 2023 година е 71,6 отсто, што претставува намалување од 0,3 отсто во споредба со претходната година, но е поголем за 13,16 проценти во споредба со резидентното население во земјата споредени со резултатите од последниот попис на населението од 2022 година. Застапеноста на Албанците во 2022 година била со 21,4 отсто додека оваа извештајна година таа е со 21,7 отсто, што претставува пораст од 0,3 отсто, но е помала за 2,6 проценти во споредба со резидентното население во земјата. Мало зголемување има кај турската заедница, додека ромската, српската и влашката етничка заедница се со ист степен на застапеност во 2022 и 2023 година, а мал пораст од 0,1 отсто има кај бошњачката заедница но сепак недоволно во споредба со резидентното население во земјата.
-Како и изминатата година, така и за оваа 2023 година, Народниот правобранител упатува јавна критика која се однесува на недоволниот број на застапеност на лица од немнозинските заедници на раководни работни места, албанската (18 посто), турската (1,6 посто) а посебно ромската етничка заедница, односно од вкупниот број на лица на раководни работни места во јавниот сектор само 0,3% се Роми, назначени на раководна позиција. Кај останати етнички заедници македонската, влашката, и српската заедница застапеноста на раководни работни позиции процентуално е повисока како во однос на процентот на резидентното население така и во споредба со бројот на вработените од истите заедници во јавниот сектор, што всушност ја потврдува несоодветна примена на начелото на соодветна и правична застапеност кон останатите заедници“, потенцираше Народниот правобранител.
По укинувањето на механизмот „балансер“, со кој се спроведуваа вработувањата во јавниот сектор, и во очекување на ново законско решение, Зибери упати апел до извршната и законодавната власт за забрзување на постапката и активностите за законско регулирање на оваа прашање со кое ќе се обезбеди соодветен инструмент кој ќе го обезбеди и гарантира ова право, притоа запазувајќи ги принципите на стручност и компетентност, односно запазувајќи го мерит системот, нешто што и досегашната регулатива го предвидуваше, но не ретко менаџментите на институциите недоволно го применуваа.











