Професорката по уставно право и политички систем Рената Дескоска со свое видување и став за последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија. Таа во коментар на Фејсбук ваквиот извештај го споредува со „свидетелство“ со оценки за работата и функционирањето на институциите.
„Делот на извештајот за судство во најголем дел е оценка за работата на Министерството за правда и Судскиот совет изминатата година. А таа оценка, никој немаме дилеми дека е објективна. Tаа најреално зборува за нашите успеси и неуспеси, а не како ние се гледаме во огледало или како нашите претходници, следбеници или политички конкуренти не гледаат или оценуваат нас. Јас искрено посакувам секој нареден извештај да е подобар од претходниот, или барем да покажува дека има одреден напредок, дека нема застој во реформите, дека одиме напред. За жал, тоа не е случај во делот на судството“, вели Дескоска.
Според неа доколку се споредат извештаите од 2019 година до денес, може да се забележи дека Македонија низ годините назадува.
Во 2019 година земјава добила оценка добар напредок, во 2020 година ја потврдила оценката од претходната година, во 2021 година бележи одреден напредок, исто и во 2022 година. Годинава Македонија попуштила со успехо, односно оценката е дека земјава не забележала напредок.
„Ова треба да го вклучи алармот во Министерството за правда и Судскиот совет за преиспитување на својата улога во надминување на состојбите. И барањето на решенијата не треба да биде во стилот на “префрлање на топката на одговорност”. Таа веќе падна пред нив и направи толкав кратер во кој може да се излизга целата земја“, се вели во коментарот на Дескоска.
Додава дека наместо префрлање на одговорност и негирање на реалноста, суетите треба да се остават на страна, и да се покаже свесност дека во оваа област “битката за ситни политички поени” собрани преку јавни препукувања и надмудрувања може да биде фатална.
Повикува да се ангажираат сите интелектуални капацитети за да се најде излез од оваа ситуација, бидејќи како што вели граѓаните го очекуваат тоа.
















