Седумнаесет лица се приведени поради непочитување на Деновите на жалост. Полицијата соопшти дека лицата ги привела синоќа во Скопје, во Прилеп, во Охрид и во Куманово. Се сомничат дека сториле кривично дело по член 387 од Кривичниот законик, односно не ја почитувале одлуката на Владата за седумдневна жалост.
„На подрачјето на Скопје, приведено е едно малолетно лице, како и управител на угостителски објект, на подрачјето на Прилеп се приведени 12 лица, од кои едно е малолетно. Во Кичево е приведено едно лице – сопственик на угостителски објект, додека пак во Куманово се приведени две лица – менаџер и управител на угостителски објект. По документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави“, се вели во соопштението на министерството за внатрешни работи.
Приведени имаше и вчера и завчера. Две лица на возраст од 18, односно 22 години беа приведени ноќта помеѓу 21 и 22 март, затоа што се пуштало музика во деновите на жалост во два угостителски објекта на подрачјето на Општина Центар во ккои тие биле одговорни.
Претходно, полицијата приведе и двајца 18-годишници кои правеа огномет на роденденска забава во ресторан во градскиот парк во Скопје.
Владата прогласи седумдневна жалост поради трагедијата во Кочани. Во овој период, угостителските објекти треба да работат без музика, медиумите треба да ја прилагодат програмата, а откажани се сите културни и спортски манифестации.
Сузана Мицева











