Со завршување на тригодишната меѓународна иницијатива за следење на движењето на Јадранската микроплоча, на почетокот на 2026-та државава ќе остане без мрежата од 13 сеизмолошки станици.
Ова во изјава за МИА го вели раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, проф. д-р Катерина Дрогрешка. Според неа, од наредната година остануваме без ниту една сеизмолошка станица и соодветна опрема за следење на сеизмичката активност. „Технологијата оди напред, светот оди напред, ние се трудиме да ги следиме, но доаѓаме во ситуација кога не можеме. Сега, дефинитивно, ни треба помош“ вели таа.
Неследењето на сеизмичка активност може да предизвика неубава состојба во државава во однос на градбите и ризиците по безбедноста на граѓаните, истакнува раководителката на Опсерваторијата, институција основана во 1957 и лоцирана на падините на Водно.











