Пожарникари од противпожарните единици од Кочани, Виница, Штип, Пробиштип и Свети Николе, како и пожарникари од доброволните друштва, родители, познати и непознати херои спасувале деца и млади луѓе во пожарот во кочанската дискотека, во раните утрински часови на 16 март.
Повредени со изгореници и проблеми со дишењето се и тројца пожарникари, меѓу кои и командирот на ТППЕ-Кочани, Драган Апостолов, кој е на Клиниката за токсикологија. По секоја трагедија, голем пожар во источниот регион се отвара темата за опременоста и кадровската екипираност на противпожарните единици.
Телма пред четири години објави дека пожарите во општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци ги гаснат вкупно 16 пожарникари. Истиот број на пожарникари е и денеска, а според бројот на население треба да има 33.
За опремата и кадровската екипираноста товарот го носи само Кочани, но не и останатите две општини.
Практично, работиме со 45 отсто од предвидениот законски Правилник за пожарникарство, односно еден човек работи за две работни места, а просечната старост на пожарникарите е 48 години. Возниот парк е стар, набавен главно од донации, а Општина Кочани едвај може да обезбеди сервисирање, а уште помалку да обезбеди ново возило, опрема и обувки, макар и преку проекти од Источниот плански регион и слично, затоа што се смета дека потребите ни се задоволени, вели командирот на ТТПЕ Апостолов.
По големиот пожар на Илинден 2. Август 2021 година во Кочани, се формираше и доброволното противпожарно друштво во Кочани. Доброволците пожарникари од тогаш, па се до денеска волонтерски и храбро учествуваат во гаснењето на сите пожари, како и во дискотеката „Пулс“.
Претседателот на кочанското доброволно Противпожарно друштво, Златко Илијев во својот Фејсбус статус вели дека недостигот од основно познавање на населението за однесување при пожар е една од клучните причини за трагични последици.
Забележува дека противпожарниот апарат што се гледа на една од снимките со кој се гаси почетниот пожар е несоодветен, наменет е за гасење оган кај електрични уреди под напон, а не од таков вид каков што беше во „Пулс“.
Ако тој апарат беше со прав, во најмала рака ќе го забавеше ширењето на пожарот и ќе дадеше многу повеќе време за евакуација на младите. Од друга страна, присутните во дискотеката во првиот момент не ја сфаќаат сериозно опасноста и наместо да се упатуваат кон излезот, тие снимаат со мобилните телефони. Заедничко во двата момента е незнаењето и недоволната едукација, нешто што во иднина треба да се сфати многу сериозно и да се работи на тоа, секој од нас да има елементарно познавање за противпожарна заштита, вели Илијев.
Илијев потенцира елемантарните непогоди никој не може да ги предвиди но наша обврска е да ги пречекаме спремни и да знаеме како да реагираме.
Викторија Јованова Димитровска











