Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Селото Казандол не доби рудник за бакар, а сега нема ниту вода за пиење

/

пред 818 дена

Сподели преку :

Околу триста жители на валандовското село Казандол трета седмица се без вода. Планинската населба до која се доаѓа по тесен и кривулест пат навистина наликува на казан-но празен, правлив и сув.

Домаќините од куќите распослани по стрмните удолнини деновиве се соочуваат со нов предизвик-до нив да се донесе чиста вода за себе и за животните. А таа задача е тешка и макотрпна- носат и по неколку канистри дневно за да ги спасат животните по овие горештини.

Ова прашање го поставиле и во Општина Валандово, но не добиле конкретен одговор како ќе се реши проблемот со водоснабдувањето.

Жителите се гневни на локалната власт бидејќи не се праќаат ниту цистерни со чиста вода за пиење, па дел од луѓето ја пијат водата од бушотините во полето.

Досега Казандол добивал вода од сопствена бушотина што пресушила. Сега жителите бараат водоснабдувањето да го преземе општината преку комуналното претпријатие и да обезбеди чиста вода за пиење за селото.

Но, од Општина Валандово не добивме одговор на прашањата како ќе се решава овој суштински проблем за жителите на ова село.

Инаку, Казандол е местото каде што се изгради но не профункционира рудник за катоден бакар. Државата го раскина договорот со украинскиот концесионер заради непочитување на рокот на почнување со работа.

Еко-активистите тогаш порачаа дека Казандол и Валандово се спасија од еко-катастрофа, но сега градот и државата се исправени пред друг предизвик- жителите на ова село да се спасат од нова катастрофа- од жед и суша.

Сузана Мицева