Се уште гори отпадот за батерии и електронски смет во Трубарево, а во повеќе населени места низ градот се чувствува смрдеа. Колку се штетни токсините од облакот над Скопје сѐ уште нема мерливи показатели. Се очекува ноќва поголемо загадување со паѓање на воздушниот притисок.
Последните информации се дека за целосно гасење на пожарот во Трубарево ќе бидат потребни денови, како и да престане чадењето.
Дирекцијата за заштита и спасување вечерва информира дека делот од пожарот кој зафаќа електронски отпад ќе се гаси со песок. Велат дека голем дел од пожарот е изгаснат, но можно е да има испарување и утре и задутре.
Првичниот увид покажува дека на отпадот има и батерии и акумулатори, а до утре ќе се знае дали имало и литиумски батерии.











