Северна Кореја лансираше интерконтинентален балистички проектил чиј дострел достигнува до копното на САД, објави јапонското министерство за одбрана. Проектилот паднал во морето 210 километри од јапонскиот остров Хокаидо, но достигнал височина од 6.100 километри и патувал 1.000 километри, кажа Токио.
„Според пресметките на траекторијата, овој проектил би можел да има дострел од 15.000 километри, во зависност од тежината на боевата глава. Во тој случај, би можел да го погоди и копното на САД. Му рековме на Пјонгјанг дека не можеме да толерираме вакви акции“, изјави јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада.
САД го осудија лансирањето, додека Јужна Кореја повика на посериозни мерки на одвраќање кон Пјонгјанг. Северна Кореја истовремено испука проектил со краток дострел и се закани со жесток одговор за секое засилено американско воено присуство во регионот.
Повеќе од 50 проектили во изминатите два месеца, се истрелани од Северна Кореја, но најмногу со краток дострел. Лансирањата на ракети со долг дострел се поретки, но тие претставуваат закана за САД зашто се дизајнирани да носат нуклеарна глава.











