Неколкуте официјални негирања не ги сопреа шпекулациите дека се договара влез на Алијанса во Владата. Информациите дека владеачките партии имаат намера да го засилат мнозинството паралелно со обидите да обезбедат дво-третинска поддршка за уставни измени, сега се медиумски надополнети со нова верзија за замена на Алтернатива со Алијанса. Или понуда на три министерски позиции за партијата на Арбен Таравари, кои заедно треба да ги отстапат сегашните коалициски партнери. Лидерот на Алијанса за Телма вели дека „разговори сè уште нема“, додека Владата ги нарече шпекулации.
Во моментов Владата функционира со мнозинство од 64 пратеници и тоа беше потврдено при изборот на новиот министер за локална самоуправа. Немало разговори за реконструкција на Владата. Сé што се пишува е во рамки на шпекулации, велат од Влада.
И Алтернатива нема такви информации. Потенцира дека таа е партија која ја стабилизира Владата.
Ние не влеговме во Владата бидејќи молевме или се додворувавме, туку бидејќи бевме замолени од низа домашни и странски фактори, поради процесот на евроинтеграции. Парламентарното мнозинство е стабилно и нема потреба од друго засилување. Нашите односи со другите партнери во Владата се коректни, истакнуваат од Алтернатива.
Можноста за зголемување на владината коалиција се отвори со изјавите на првите луѓе на Алијанса дека „нема директна понуда, но ако има, органите на партијата ќе ја разгледаат“. Се засили по последната лидерска средба, кога Павле Трајанов рече дека „една партија со 8 пратеници чека за влез во Влада“. Доколку тоа се случи, во опозициските редови на Албанците ќе остане само Беса со тројца пратеници.
Соња Николовска











