Предизборниот штаб на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп испратил неколку писма до Тајната служба, предлагајќи безбедносни мерки за неговата заштита кои се без преседан во историјата на САД, објави „Вашингтон пост“.
Штабот побарал дополнителна заштита на Трамповиот личен авион со придружба на воени ловци.
Во предлогот е вклучена и забрана за летови над резиденциите на Трамп и местата на митинзите, како и обезбедување непробојно стакло за заштита на подиумот на митинзите во седум клучни држави.
Дополнително, предлагаат и оклопни возила за транспорт на кандидатот.
„Вашингтон пост“ наведува дека овие мерки се базирани на информации од американските разузнавачи, кои го информирале штабот на Трамп за можни обиди за атентат врз него од Иран, користејќи беспилотни летала или ракети.
Во своите говори, Трамп остро го критикува Иран и бара „срамнување со земја“ на неговите воени и нуклеарни капацитети, поради иранската поддршка на Хезболах и Хамас, кои го напаѓаат Израел.
Израел, пак, води воена кампања против овие групи, додека Трамп се позиционира како силен поддржувач на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Од Белата куќа синоќа соопштија дека претседателот Џо Бајден наредил заштитата на Трамп да биде на највисоко ниво.











