Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Што значи пресудата на њујоршката порота за шансите за реизбор на Трамп

/

пред 874 дена

Сподели преку :

По одлуката на поротата во Њујорк да го прогласи поранешниот американски претседател Доналд Трамп за виновен по сите 34 точки на обвинението во случајот за фалсификување на финансиските извештаи и прикривање на 130.000 долари на поранешната ѕвезда во филмовите за возрасни Сторми Даниелс да не ја открива нивната вонбрачна афера, почнаа анализите колкаво влијание ќе има пресудата врз изборите во ноември.

За почеток дури и судијата да го прогласи за виновен на 11 јули, тоа не го спречува Трамп да ја добие републиканската номинација и да се кандидира на изборите.

Кривичната осудуваност одзема повеќе привилегии, во некои држави вклучувајќи го и правото на глас. Во некои држави и можноста да биде ставен на гласачкото ливче, појаснува професорот по кривично право Дејвид Шапиро.

Поддржувачите на демократите ликуваат очекувајќи го конечниот крај на политичката кариера на Трамп.

Не треба да ја извршува функцијата, и ова е само едно од многуте работи за кои треба да биде осуден. Се надевам дека ова ќе го промени текот и многу луѓе ќе сфатат дека не треба да му се дозволи повторно да стане претседател, категорична е симпатизерката на демократите Трејси Луис од Калифорнија.

Но, неговите подржувачи и сопартијци гледаат шанса за дополнително консолидирање на редовите и дури уште поголема поддршка од гласачите.

Искрено мислам дека ова е добро за претседателот Трамп. Ова се сериозни времиња за Америка. Мислам дека ќе има многу поголема поддршка од сите гласачи за претседателот Трамп, кај црните гласачи, кај хиспанците, мислам дека таа ќе охрабри многу повеќе луѓе да го поддржат претседателот Трамп, вели претставникот од Мичиген, републиканецот Мат Мадок.

За Трамп ова е срамна одлука од пристрасна порота пред пристрасен судија во Њујорк. Но, ова нема да биде крајот, порача тој.

Не направивме ништо лошо, јас сум невин човек, но во ред е. Се борам за нашата држава, се борам за нашиот Устав. Целата наша земја е наместена во моментов. Тоа е направено од страна на администрацијата на Бајден за да му се наштети на опонент, на политички опонент. Мислам дека тоа е срамно. Ќе продолжиме да се бориме, ќе се бориме до крај и ќе победиме бидејќи нашата држава отиде по ѓаволите, порача поранешниот претседател.

Мала е веројатноста Трамп да стане првиот кандидат по социјалистот Јуџин Дебс во 1920 година, кој предизборната кампања ќе ја води од затвор. Правните експерти оценуваат дека и покрај тоа што законот предвидува до 4 годишна затворска казна, сепак во случајот на Трамп има неколку олеснителни околности, практични прашања, но и политички контекст кои му одат во прилог.

Имајќи ја во предвид неговата возраст, недостатокот на кривична историја, и имајќи во предвид дека овде резултатот зборува сам за себе, тој всушност не се соочува со голема казна, значителна казна. Со други зборови, пресудата успеа, пресудата победи, а казната не е толку важна, оценува адвокатот Џозеф Тали.

Што се однесува до тоа дали ова ќе биде крајот на неговата политичка кариера, Трамп досега преброди многу скандали поради кои други политичари одамна ќе го фрлеа пешкирот во рингот.

Игор Трајков