Исполнување на реформите, надминување на системските слабости, соработка помеѓу власта и опозицијата и конечно државата да затропа на портите на Брисел. Вакви се очекувањата на претседателката на државата Сиљановска-Давкова, за 2026.
Годината зад нас е една од најтешките низ призма на меѓународниот поредок – сега е важно да се фокусираме на домашните задачи. Шефицата на државата смета дека не смее да се запре патот на реформите, а реформската агенда е исчекор кон нашата природна дестинација – Европската унија.
- „Законот за судски совет е првиот чекор или почетокот, се радувам што е тука и Законот за јавно обвинителство, Кривичниот законик е многу важен. ЕУ ќе биде Европа тогаш кога и оние кои се таму навистина одвнатре учат демократија. Јас мислам дека ќе направиме исчекор и кон оваа природна дестинација бриселска“, изјави претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Претседателката со порака и со предупредување до политичките чинители, особено до власта. Повикува на соработка со опозицијата.
- „Коалицијата на власт има власт не само на локално, туку и на централно ниво, да не заборави на предупредувањето на умниот лорд Ектон дека секоја власт се заканува да ве расипе, апсолутната апсолутно. Мора да има спреги и кочници, мора да има соработка со опозицијата. Зборувам од аспект на природата на власта. Да биде тоа не само моќ, туку и авторитет“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова која е и врховен командант на вооружените сили, денеска на првиот ден од новата година се сретна со припадниците на Армијата. Беше во посета на касарната „Алексо Демниевски Бауман“, во Велес. Направи обиколка на дел од капацитетите на Командата за обука и доктрини распоредени во касарната и ги посети новопримените професионални војници, а им подари и книги.
Петар Догов
Б.С.











