Скопје се ослободи, но има нешта со кои и понатаму продолжува да се бори, правта по улиците, загадениот воздух и дискутабилната урбанизација која немилосрдно му зададе удар, вели академик Урошевиќ, минатогодишен добитник на наградата „13 Ноември“ за публицистика.
„Денеска имаме една друга многу поопасна прав од која Скопје, за жал, никако не може да се ослободи. Тој загаден воздух не би требало да се политизира, туку треба да се најде начин да се создаде еден голем тим од научници од повеќе области кои ќе работат на тоа Скопје да ја не има тажната слава на најзагадениот град во Европа“, изјави академик Влада Урошевиќ.
Да се говори за Скопје од различни периоди е предизвик, вели Урошевиќ за надреалното и за реалното Скопје – за градот-сон, градот-авиринт, градот-мистерија, градот-палимпсест и градот-сеќавање. Но кои се нештата поради кои Скопје и понатаму продолжува да биде магично место:
„Сум слушнал, многу странци кои велат би сакал да дојдам и да живеам во овој град, што за нас скопјаните е чудно нели. Но, тие успеале да навлезат во таа привлечна тајна на градот. Јас им забележувам на урбанистите, затоа што не водат сметка за ружата на ветровите во Скопје и градат спречувајќи го протокот на воздухот низ градот на тоа мора да се мисли и мора да се најдат начини да се спаси овој град од таа несакана слава“, истакна Урошевиќ.
Делегации од повеќе институции и организации положија свежо цвеќе и оддадоа почит на партизанските гробишта во Бутел и пред споменикот на ослободителите на градот. На денешен ден, пред 80 години, Скопје се ослободи од фашистичката окупација. Народноослободителна дивизија и 16-та Македонска бригада го ослободиле градот за време на Втората светска војна.
Во рамки на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Скопје, вечерва во Македонската филхармонија ќе се одржи свечена академија и доделување на наградата 13 ноември. Најавени се и повеќе манифестации, работилници, изложби, промоции.
Нина Стефанова











