Генерал полковник Александар Сирски, кој беше на чело на украинските копнени сили од 2019 година, е унапреден во командант на вооружените сили на Украина, на местото на Валериј Залужни.
Сирски, како што пишува „Ројтерс“, беше една од клучните фигури во Украина од почетокот на руската инвазија.
Александар Сирски ја предводеше одбраната на Киев на почетокот на војната во февруари во 2022 година и негово дело беше изненадувањето и успешниот контранапад во Харков во текот на минатото лето.
Сирски е роден во 1965 година во местото Владимир, кое тогаш беше дел од Советскиот сојуз. Во Украина живее од 80-тите години на минатиот век. Студираше во Москва на Вишото воено-командно училиште. Дипломира во 1986 година и пет години служеше во Советскиот артилериски корпус.
Сирски стана прв човек на украинските копнени сили во 2019 година. Дотогаш командуваше со украинските трупи кои се бореа со проруските бунтовници во Луганск и во Доњецк. Неговото воено име е „Снежен леопард“.
Во април во 2022 година беше прогласен за Херој на Украина. Во јули, истата година, испланира и изведе молскавична контраофанзива која ги истисна руските сили од Харков и повторно беа заземени делови од земјата на истокот и југоистокот.
На почетокот на минатата година, Сирски ја предводеше одбраната на Бахмут, битка во која загинаа илјадници војници на двете страни. Тој порача дека упорната украинска одбрана на Бахмут нанела штета на севкупните воени напори на Русија, така што била совладата „Вагнер“ групата.
Вели дека приоритет ќе биде моралот на неговите сили кои редовно ги посетува на фронтот. Во изјава за западните медиуми рече дека спие по четири и пол часа на навечер и се опушта со посета во теретана.











