Еко активистите се согласни дека мерките преземени за намалување на аерозагадувањето изминативе години не го дале посакуваниот резултат. Во вечерашната Топ Тема на Телма, екоактивистите и советници во неколку општини во Македонија оценија дека како земја која се стреми да ѝ се приклучи на ЕУ, поразително е да не се мрдне од почетната точка во заштитата на животната средина.
Поразителен е фактот дека очигледно политиките кои што ги креираме или уште повеќе не ги креираме, не помогнале да направиме ние да направиме некаков исчекор кон подобра, или позелена иднина. Така што за мене барем, како човек којшто веќе 10-на години работи на темата со овие податоци, јас не гледам вистинско придвижување, рече Горјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.
Невена Георгиева од О2 иницијативата смета дека без детална државна стратегија во која ќе бидат предвидени субвенции и прецизни цели и рокови, не може ништо да се постигне.
Кај нас нема таква стратегија, цело време се збори дека проблемот не се решава за 2 години, веќе 10 години зборуваме за проблемот, инаку има податоци дејка скопската котлина има загаден воздух и се мери одамна. Зборуваме дека проблемот е нерешлив и со правење некои ПР мерки коишто само ги маскираат конкретните проблеми, рече таа.
Според неа, властите и политичките партии се опуштија поради поволните временски услови последните неколку години и заштитата на животната средина падна повеќе места во нивните програми и приоритети.
Народот им даде голема доверба иако прашањето за животната средина не беше високо во нивните програми, и народот е преокупиран со многу помалку значајни теми во однос на здрав живот и здравјето, пред сѐ за иднината на децата, иако свесни сме дека тука цело време се зборува за нашиот пат кон ЕУ, и колку е приоритетно некои прашања да се решат а никој не го спомнува ова поглавје. Ние сме толку далеку во ова поглавје да мислам дека не постои ниту едно вето што токму поради ова поглавје и корупцијата во правосудниот систем ние не можеме да влеземе во ЕУ, рече Георгиева.
Ѓорѓи Танушев од иницијативата „Стига е“ посочи дека иако неговата Струмица не е меѓу најголемите градови, процентот на сообраќај не е толку голем и јавните установи се гасифицирани, сепак била прогласена како 7-ми најзагаден град во Европа за 2023 година. Според него причината за високата аерозагаденост не треба да се бараат само кај затоплувањето во домаќинствата, наратив, како што вели тој, властите се обидуваат да го наметнат.
Ако беше до дрвата, тоа што се обидуваат да го наметнат како наратив, дрвата загадуваат, загадувањето од горењето дрвна маса е нормално и тоа е со години така. Така било и порано, но не мирисало на пластика итн. Кај нас мириса! Можеби треба да се постави и прашањето до ЈП Шумско стопанство за тоа какви дрва испорачуваат. Но, тоа не е основниот проблем, Струмица се грее 40 посто на струја, 60 посто на дрва, значи во сите овие параметри, сакав да ја видам и студијата на УНДП за да направам компаративна анализа меѓу градовите, бидејќи Струмица навистина има бројни предности но сѐ уште ја нема. Сметам дека загадувањето доаѓа од неконтролираната индустрија затоа што независно дали се работи за А, Б или инсталации коишто само со елаборат, сите тие загадуваат, рече Танушев.
За Јовановски, проблематичен е начинот на кој се вршат мерењата и во кои периоди од денот и годината. И тој е согласен дека е забележлива тенденцијата да се заштити индустријата.
Има неколку извори на загадување, загревањето во домаќинствата е еден од нив, но понатаму имаме загревање во јавни институции, имаме индустрија која што е комплетно неконтролирана, имаме горење на отпад итн. Сега ние ако направиме студија во одреден момент и направиме мерења во одреден момент и речеме дека според овие мерења сега најмногу честички доаѓале од одреден тип на согорување, според мерењата на таа студија, ние не можеме да знаеме дека тоа е континуирано цело време така. Индустријата често сакаат, и често гледаме дека ја тргаат од мета од министерство, од инспекторат не се спомнува, па „малку било, па немојте“… Ако е „малку и немојте“ зошто немаме континуирано 24 часовен мониторинг на секоја емисиона точка, на секој објект којшто има А и Б интегрирана дозвола, ако не и на тие само со елаборат. Континуирано јавно мерење на секој час, на секои 15 минути за да видиме колку точно тие објекти во целост загадуваат или не загадуваат, и според тоа веќе ќе може да кажеме еве го уделот од индустријата. Бидејќи тоа е многу полесно мерливо и контролирано за разлика од тоа да поставуваме на оџаците на секое домаќинство, рече Јовановски.
На тоа се надоврза и Танушев, посочувајќи дека индустријата никој не ја контролира, недостигаат инспектори и тие немаат како механизми, така и средства да си ја работат работата.
Струмица има само една инспекторка и таа има премногу работа. Потребни ни се инструменти, како може инспектор да утврди загадување кога нема на располагање ниту буџет од акредитирана лабораторија, ниту пак инструменти. Не може. Тоа што може да го направи е да се осврне на тоа што ќе го поднесе самиот оператор, а тоа не секогаш значи дека е така. Значи нема независен увид во нештата и нема начин како тоа да се провери единствено само преку верување на збор, а знаеме ние колку си го почитуваме својот збор, рече Танушев.











