Во пресрет на зимата, повторно истите проблеми за граѓаните – на што е најисплатливо и најеколошки да се греат домаќинствата. Дел од граѓаните остануваат на парно греење, некои избираат инвертери, додека други и натаму најмногу го користат огревното дрво. Редовни сметки кои често се високи кај поголемите станови е еден предизвик, а другиот е дали како и секоја година ќе ја добијат топлината за која плаќаат, одговараат прашани граѓаните.
„Се греам со парно, исплатливо е, ама е многу слабо. Тука во Градски ѕид живеам. Не сум задоволна воопшто. Изминатата зима смрзнав, морав и клима да вклучувам“.
„Со години наназад се греам на парно. Задоволен сум. Кога би правел споредба со сите оние кои користат други начини на затоплување, мислам дека парното е незаменливо“.
„Немам потреба ништо да набавувам и плус е чисто дома“, велат граѓаните.
Од „Национални шуми“ велат дека побарувачката за огревни дрва е постојана, но најголем интерес има на почетокот на сезоната. Надлежните велат дека иако дрвата како енергенс се најчесто користени, тие придонесуваат за загадување на воздухот, затоа најавуваат нова мерка.
„Во наредните години ќе настојуваме да продаваме суво дрво со што на некој начин би се намалило загадувањето“, изјави Здравко Трајанов, директор на „Национални шуми“.
Надлежните со формула за граѓаните: енергетски ефикасни системи со добра цена, удобност и заштита на животната средина.
„Организираниот систем за топлинска енергија е еколошки и економски најприфатлив. Со тоа во секоја соба од домот е топло. Моја препорака е каде што има развиен систем за топлинска енергија сите да го користат и оние кои се исклучени треба да се приклучат. Сега се покажува дека топлинските пумпи и инвертерите покажуваат значителна енергетска ефикасност и помали трошоци“, изјави Марко Бислимовски од Регулаторна комисија за енергетика.
Според пресметките, за една грејна сезона едно четиричлено семејство троши шест метри кубни дрва за огрев.
Во државното складиште најчесто се бара бука прва класа по цена од 3.100 денари и даб од прва класа по цена од 3.200 денари. Во приватните складишта цената вртоглаво расте како што почнува грејната сезона.
Греењето на домаќинствата често е прво на списокот причинители за загадениот воздух, но засега надлежните не понудија трајни мерки за намалување на емисиите на штетни гасови, иако во секоја прилика се спомнува централна гасификација.
Тамара Марковска











