Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Спласнуваат надежите дека канцеларот Шолц ќе помогне во кревање на ветото за Македонија, анализираат германските медиуми

/

пред 1595 дена

Сподели преку :

Спласнуваат надежите дека посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц ќе донесе некаков напредок во спорот помеѓу Македонија и Бугарија.

Иако очекувањата беа дека токму Шолц ќе се обиде да стави силен дипломатски печат во разговорите за дел од отворените прашања на Балканот – според германските медиуми, изгледите за такво нешто се сè помали, а тоа им е јасно и на директно вмешаните страни во спорот.

Канцеларот утре наутро пристигнува во Скопје, а потоа заминува во Софија.

„Надежите дека добронамерните сили во Софија ќе го решат спорот и онака беа авантуристички, затоа што од Скопје се бара нешто што е тешко да се исполни: македонската влада треба да го смени Уставот со двотретинско мнозинство за да го вметне бугарското малцинство во него како конститутивен народ. Дополнително, треба да се направат и други отстапки во компоненти од македонскиот идентитет за кои воопшто не може да се преговара“ пишува во анализата на весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Канцеларот Шолц во балканската турнеја ќе посети дури пет држави, а први на листата се Косово и Србија и потоа Грција.

Од Скопје заминува во Софија, каде што политичката состојба во последните денови е зовриена откако се распадна коалицијата на бугарскиот премиер Петков.

Повлекувањето на министрите од Владата кои доаѓаат од партијата на Трифонов меѓудругото е и заради како што велат самите тие „националното предавство“ кое го прави премиерот во обид да го тргне ветото за Македонија.

Седницата на Европскиот совет на 23 јуни ќе ги даде одговорите дали Македонија конечно ќе добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ.

Претходно, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека Унијата треба да ги интегрира шесте држави од Западен Балкан до 2033 година, што би бил храбар, но неопходен чекор.

Петар Догов