Во културата се обединуваат различни луѓе, различни култури и нешта за кои можеби пред 20 години сте сметале дека се неспојливо. Се обидовме да им го вратиме животот на некои градови кои што останаа заборавени, во нив да го откриете културното наследство, новите пријателства, но и да се подигне свеста за економскиот раст на тие градови, вели градоначалникот на Нова Горица, Турел, кој заедно со своите колеги од Горица и Кемниц разменија искуства поврзани со сето она што се подразбира под Европска престолнина на културата.
„Дел од железничката пруга беше заборавен и практично изградивме нов дел од градот кадешто можете да одите да шетате, да слушнете јазици како австриски, италијански и словенечки и кадешто луѓе се среќаваат за да планираат идни проекти и идна соработка“, изјави Само Турел, градоначалник на Нова Горица.
„Таму каде што било кој политички експерт доколку го прашавме пред 20-тина години ќе ни речеше дека таму не може да има никаква соработка. Секој експерт ќе ни кажеше меѓународна соработка и кохезија не може да се оствари, но ние го докажавме спротивното, ако може нешто да се направи истото може да се оствари. Културата е прекрасна дипломатска алатка и амбасадорите тоа го знаат“, изјави Родолфо Ѕиберна, градоначалник на Горица.
Скопје, европска престолнина на културата за 2028, е исправено пред нови предизвици. Реконструкција на Калето, Старата скопска чаршија и Аквадуктот кој во иднина би бил и летна сцена се само дел од симболите на Скопје, вели градоначалникот Ѓорѓиевски на кои ќе се работи во претстојниот период.
„Еден од најкапиталните објекти во градот Скопје којшто ќе остане симбол според мене за Европска престолнина на културата ќе биде Старата пошта за којашто сме во постапка со Владата да ја преземеме ние и да бидеме оние кои што ќе владеат со истата и ќе биде претворена во Младински хаб, но и симбол на Скопје- град престолнина на културата, така што нѐ чекаат убави настани, доста објекти коишто ќе останат и за идните генерации и со кои ќе се гордееме сите скопјани“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.
Во меѓувреме, Скопје со години наназад се соочува со недостиг на градско кино затоа неминовно се поставува прашањето што во таа насока кога говориме за европска престолнина на културата. Ѓорѓевски вели дека со поддршка на турската асоцијација МАТО ќе се обезбеди проектор за кино Милениум и истото до септември би било ставено во функција.
„Ако земеме предвид дека години наназад не функционираше, знаете дека и дрва имаше никнато позади сцената, имаше девијантни појави годиниве наназад, но еве полека ги решаваме“, додаде Ѓорѓиевски.
Наредните денови ќе биде објавена и тендерската постапка за реконструкција на културни објекти.
За Бен Нупнау, вршител на должност амбасадор на Делегацијата на ЕУ, титулата Европска престолнина на културата е воедно и стратешка алатка за трансформирање на градот, за развојна инфраструктура и средства за поттик на економијата, зајакнување на идентитетот и подлабококо поврзување со Европа.
Нина Стефанова











