Воспитната мерка за поседување на марихуана и кокаин која ја добил Васил Јованов кој ја усмрти Фросина Кулакова, според пресудата која ја објави Кривичниот суд, била адекватна, бидејќи се ценела неговата младост, околности, недоволно животно искуство, опкружувањето и друштвото каде се користеле наркотици било секојдневие.
Судот пресудил Јованов да оди во воспитниот дом во Тетово најмалку 6 месеци и максимум 5 години.
„Ваквиот вид на кривична санкција овој суд смета дека ќе има силно влијание во позитивна смисла за неговото понатамошно однесување во текот на животот, особено имајќи во предвид дека досегашната мерка притвор определена и продолжувана со решенија на овој суд, влијаела пред се од воспитен карактер, да обвинетиот размисли што сторил, кои се последиците и сериозноста на ова кривично дело, последиците по однос на здравјето од конзумација на ваков вид дрога кои само го однеле на лош пат. Оттука, на обвинетиот му се дава уште една можност да го поправи своето поведение, да продолжи да чекори кон правиот пат, оттргнат од негативни дејанија“ велат од Кривичен суд.
Судот притоа го ценел и однесувањето на Јованов кој искажал жалење и каење за стореното.
„Обвинетиот В.Ј. во завршен збор наведе дека се чувствува виновен и има грижа на совест, особено жали за неговите родители, пред се за тоа каква непријатна ситуација и каков срам им предизвикал. После сите овие месеци поминати во размислување, сфатил дека конзумацијата на “трева” го довела на многу лош пат, каде што дури е доведен во ситуација да се терети за многу тешки кривични дела.“ велат од Кривичен суд
Јованов притоа кажал дека не се чуствува виновен за кривичното дело продажба на дрога, бидејќи никогаш не заработувал од нечесна работа и продажба на дрога.
„Затоа го замоли судот да ги разгледа доказите и да добие ослободителна пресуда. Уште еднаш нагласи дека се кае за целата ситуација. Истакна дека сега не конзумира дрога, ниту пак користи некаква терапија за одвикнување од зависност од дрога.“ велат од Кривичен суд
Инаку Јованов, според пресудата, имал изнајмено стан каде често со друштво се собирале и каде што при извршениот претрес биле пронајдени 14 кесички со марихуана со вкупна тежина околу 24 грама и една паковка кокаин од 0,24 грама. Јованов тврдел дека дрогата ја купиле заедно со друштвото за свои потреби. Во друг стан кој го користела друга обвинета во случајот исто така била пронајдена дрога.
Дали Јованов ќе оди во воспитниот дом во Тетово, треба да пресуди Апелација каде предметот стасал во ноември и тече жалбена постапка.
Марија Митева











