Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит денеска изјави дека е укинат меморандумот на Канцеларијата за менаџмент и буџет на САД (OMБ) со која беа замрзнати исплатите на федералните финансиски инструменти (заеми, сите видови на помош, грантови и дотации), но дека самото замрзнување на парите останува во сила.
Замрзнувањето беше објавено во понеделникот преку документ на ОМБ, но федералниот суд го блокира во вторникот. При примената на новата мерка на Трамп дојде и до запирање на парите за здравствено осигурување на над 70 милиони најсиромашни Американци, а беше запрена и исплата и на секаква социјална помош.
„Повторувам за да ја коригирам секоја конфузија која медиумите намерно или од било која друга причина ја создаваат. Социјалното осигурување и здравствените програми не биле засегнати воопшто од било кое дејство што го преземаме, на било каков начин, облик или форма. Ние само проверуваме делови од големата бирократија која што има огромно трошење, измами и злоупотреби. Во тој процес идентификувавме и спречивме испраќање на 50 милиони долари во Газа наменети за купување на кондоми за Хамас… 50 милиони. И знаете што се случи со нив? – Ги користеа како метод за правење бомби. Што со тоа?“, изјави Доналд Трамп, во дел од образложението на мерката за замрзнување на федералните фондови.
Меѓу скратените пари од федералните фондови се најдоа и старечки домови, бесплатни градинки, народни кујни, но по поништениот документ за замрзнување овие институции добија трошка надеж дека програмите ќе опстанат.
„Ако ја скратат програмата, мислам дека ќе бидеме во многу лоша ситуација. Најголем дел од тоа ќе има последици врз децата, за нашите деца и за нашата заедница. Бидејќи на нив им треба ваков вид на програма“, изјави Реинер Прието, родител од Флорида.
Пресвртот со одлуките има за цел да спречи нови судски одлуки со кои би се суспендирале документите произлезени од одлуките на Трамп. На овој начин, во сила остануваат неговите одлуки и наредби, но нема документи кои би се обжалиле или би биле суспендирани на суд.
Одлуката се однесува на федералните финансиски средства кои се трошат за американски граѓани додека не се однесува на забраната за исплата на проекти во странство меѓу кои се замрзнати и проекти во Македонија, во државниот сектор, во локалната власт, во образованието и во невладиниот сектор.











