Ставен е под контрола пожарот, што избувна синоќа над скопското село Морани, во општина Студеничани. Како што информира Дирекција за заштита и спасување, пожарот се очекува да биде изгаснат.
– Екипи и противпожарните „пинцгауери“ го гаснат пожарот. Овие пожари генерално ги предизвикуваат дрвокрадци, изјави директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Во последното деноноќие на територијата на Република Македонија регистрирани се вкупно 31 пожар на отворен простор. Од нив, 2 пожари се активни, 2 се ставени под контрола, а 27 се целосно изгаснати. Активните пожари се лоцирани во општина Гази Баба, село Виниче и на Кожуф планина, кај село Петрово во општина Гевгелија. Повеќето од изгаснатите пожари биле на локални депонии, стрништа и ниска вегетација во различни општини низ земјата, меѓу кои и Гази Баба, Зелениково, Шуто Оризари, Бутел, Струга, Куманово и на други места.











